Маслиново масло – до кога ќе трае занесот?

Кога ќе се спомне маслиновото масло, веднаш добиваме асоцијација на нешто без кое не можеме да си ја замислиме нашата исхрана (или диета, за тие што се мачат), секој оброк (!), нешто “волшебно” што му “помага” на нашето здравје, срце, крвни садови и што уште не. Овие асоцијации ни’ доаѓаат поради разните информации пласирани по медиумите, ништо друго, освен уште една кампања на прехрамбената индустрија, се’ со цел да си го остваруват предвидениот профит (не ги интересира нашето здравје!). Секако, се прескокнува делот за тоа дали ни’ е потребно и кои масти вистински му се потребни на човечкиот организам. Ама сите се веќе во лов по “екстра вирџин олив оил”.

Докажано е дека мононезаситените масти се поздрави од заситените и транс мастите, а со тоа и хранливите продукти што се богати со мононезаситени масти, како на пр. маслиновото масло, се попожелни во нашата исхрана отколку продуктите со заситени и транс масти. Но ако е нешто поздраво, не значи дека тоа е добро за нас и дека треба да се глорифицира!

Маслиновото масло (во текстов е “опеано” ладно цеденото маслиново масло), покрај мононезаситените масти, содржи и заситени масти (во зависност од маслото, околу 14%). Значи, во борба со пилешкото месо, маслиновото масло ќе биде победник на “Избор на заситени масти во исхраната”.

Многу често (скоро секогаш), маслиновото масло се поврзува со медитеранскиот начин на исхрана (или ако сакате, медитеранска диета) и обично следува приказната дека научниците утврдиле дека луѓето што живеат на Медитеранот (особено на островот Крит), немаат срцеви заболувања (или имаат многу малку) и проблеми со телесната маса. И тука нема ништо спорно, поготово ако се гледаат педесеттите или шеесеттите години на минатиот век, и ако се додаде дека покрај маслиновото масло користелие целовита природна храна, овошје, зеленчук, леб од целовито зрно, грав, риба, разни зачини, дека биле многу физички активни и тоа претежно како работа по нивите (што претставува тешка физичка работа). А пиеле и вино 😉

Од денешна гледна точка, кога физичката активност е значително намалена, кога туризмот е главната гранка а не одењето позади воловите и плуговите, луѓето од Крит (и Медитеранот) сеуште консумираат голема количина на маслиново масло, но употребата на целовитите природни продукти во исхраната и физичката активност се значително намалени. И така, не е чудо, што на денешен Крит имаме ситуација со драматичен пораст на бројот од возрасната популација со прекумерна телесна маса (1), но за жал, сличен е трендот и кај дечињата. 

Маслиновото масло се поврзува и со полифенолите како докажани антиоксиданти. Различни маслинови масла, од маслинки од различни региони, имаат различна содржина на полифеноли. Имајќи во предвид дека маслата се висококалорични (па така и маслиновото) и претставуваат концентрирана храна (изолирани се само делови од плодот, нешто слично како и при продукцијата на белото брашно), излегува дека целовитото овошје и зеленчук, како природна и целовита храна, се далеку подобар избор за внес на полифеноли (при што ќе добиете и други нутриенти, како влакна, витамини, минерали…).

Ако е нешто поздраво, не значи дека е добро за вас. Ако маслиновото е поздраво од заситените масти од животинските продукти, не значи дека треба да се претерува со неговата употреба и да се употребува во неограничени количини, поготово не за да ви го намали “лошиот холестерол” или да ве “спаси од срцеви заболувања”. 

Употребата на целовита храна, во добро избалансирана исхрана, е секогаш подобар избор отколку концентрираната и процесираната, само така ќе си го спасите и очувате вашето здравје. Па еве, следниот пат, изедете некоја маслинка и спасете некоја лажичка од вашето екстра вирџин (и екстра скапо) олив оил 😉  

1. Vardavas CI, Linardakis MK, Hatzis CM, Saris WH, Kafatos AG. Prevalence of obesity and physical inactivity among farmers from Crete (Greece), four decades after the Seven Countries Study. Nutr Metab Cardiovasc Dis. 2009;19(3):156-162. doi:10.1016/j.numecd.2008.10.008

Закажете бесплатна консултација

Тel., Viber, WhatsApp: 
+ 389 71 307703
email: thtz.info@gmail.com

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: