Мастите – нашите ангели и демони (2.дел)

Лептинот доаѓа од нашето масно ткиво, поминува низ крвотокот и се прилепува кон многу селективни и специфични рецептори во мозокот, и тие вклучуваат една цела шема на активности во мозокот.

И така, нашата масна клетка од една досадна и неактивна клетка во светот, стана интелигентен член на невро ендокринилошкото информативно друштво.

Масното ткиво е орган, прави работи,  комуницира со мускулите, комуницира со мозокот и им овозможува на сите други ткива да ја знаат состојбата на енергетските залихи во нашето тело, сигнализира дали треба да го намалиме апетитот или треба да го зголемиме.

Лептинот функционира такашто ако складираните масти паднат под одредена количина, праќа “аларм” – сигнал во мозокот и одеднаш се донесуваат рестрикции (како Влада во корона криза), се исклучува репродукцијата, се исклучува сексуалниот нагон, односно еден огромен опсег на хормонални промени поради “аларм”-сигналот дека сме на пат да огладнеме до смрт.

Ако жените премногу ослабнат, без разлика дали од анорексија или од претренираност, престануваат да овулираат, што е функција на масното ткиво. Ткивата комуницираат помеѓу себе и координирано  функционираат, така што не е само мозокот, не е само масното ткиво, не се само мускулите. Масното ткиво комуницира со мозокот, мозокот со хранењето влијае на хормонското ниво и така целото нешто е една навистина комплексно испреплетена мрежа што му овозможува на телото да ги извршува функциите, без работите да излезат надвор од контрола.

Тоа е важно за сите животни, но луѓето се особено прилагодени да бидат дебели, дури и мршавите луѓе, кои имаат многу мал процент на масти, се екстремно дебели во споредба со повеќето примати.

Мозокот е голем потрошувач на енгергија

Еве уште една можност да се вратиме на еволуцијата и да ги побараме одговорите зошто се случиле нештата. Просечен примат има 5 до 8 % масно ткиво, додека кај човекот ловец – собирач, просечната жена би имала 15 до 20%, мажите 10 до 15 %, и ова не е случајно. Познато е дека луѓето имаат големи мозоци, нашиот мозок е околу четири пати поголем од мозокот на шимпанзото. Мозоците се многу вредни, дури и кога спиеме мозокот бара огромна количина на енергија за да функционира.

Tрошиме околу 20 до 25% од нашиот базален метаболизам за мозокот, сите мозочни клетки бараат, невротрансмитерите мора постојано да се регенерираат, пренесувањето на електричниот потенцијал до секоја клетка, секој аксон во мозокот бара многу енергија, што значи дека ако сме во состојба на негативен енергетски биланс, односно, ако немаме внесено онолку енергија колку што ни’ е потребна, тогаш мора да се обезбеди од веќе складираната, и погодивте, потекнува од мастите. Ако не го снабдиме нашиот мозок со потребната енергија ќе настапи смрт.

Ако шеќерот во крвта падне барем еднаш, веднаш би имале влошување на нашата когнитивна функција, слично на некој што испил половина шише ракија (од големите шишиња). На пример, ако ова би му се случило на нашиот далечен роднина, човекот ловец-собирач, значи дека би бил добар оброк на некој месојаден ѕвер од тоа време.

Дијабетес тип 2

Да не дојде до забуна и да ги помешаме мастите што се есенцијални, важни, здрави и неопходни хранливи материи, со заболувањата кои потекнуваат од премногу наталожени масти. Не постојат докази за дијабетес тип 2 кај нашиот роднина од пештерите, човекот ловец-собирач (барем јас не сум сретнал во литературата до сега), додека денес е една од најбрзорастечките болести во светот.

Се наоѓаме среде светска епидемија, и не само во западниот индустриски свет, многу луѓе не сфаќаат дека тој тип 2 дијабетес е надвор од контрола и кај некои од растечките економии, особено Индија и Кина имаат ужасна епидемија на дијабетес тип 2.

Причината што расте е што сега имаме пристап до огромна количина на енергија затоа што за прв пат во милиони години ги создадовме овие бизарни услови во кои можеме да бидеме во позитивен енергетски биланс кога сакаме.

Да го оставиме дијабетесот на страна, ќе напишам текст и за него, ние да се навратиме повторно до нашите предци, човекот од пештерата, ловецот-собирач. Тој се борел да остане во енергетска рамнотежа. Никогаш не добиле шанса да станат дебели затоа што тие трошеле голема количина на енергија во ловот и собирањето плодови, тие навистина никогаш не добиле можност да се здебелат.

Можностите доаѓаат

Можностите и шансите почнале да настануваат со “откривањето” на земјоделството, кога почна да се произведува повеќе храна од потребното. Со развојот на земјоделството почна и зголемувањето на популацијата.

Следниот вид огромна трансформација беше индустриската револуција. Пронајдовме начини за механизирање на производство на храна и во исто време ние ја заменивме работата на луѓето и животните со работата со машини.  

Ова веќе ви е познато, автомобили, компјутери, телевизори, автоматизација во производство, многу малку останаа да бидат фармери, ние еволуиравме како животни кои почнале да ловат и да собираат, да мигрираат, и одеднаш станавме физички неактивни што нè оддалечи од нашата природна состојба на здравје.

Само последните 50 години се со промени во индустриско производство на храна, замрзнување,пакување. Денешниот просечен човек може да си дозволи доволно храна и да стане дебел без воопшто да мора да потроши енергија.

Просечниот човек денес троши и до 50 кг шеќер годишно, додека нашите предци, ловци-собирачи, се мачеле да добијат килограм на година. Нашиот метаболизам генетски не е многу променет од тогаш, не е доволно адаптиран да ја процесира денешната годишна потрошувачка на шеќер.

Тивко хронично воспаление

Една голема работа што се случува кај дебелината е што добивате ниско ниво на хронично воспаление или тивко хронично воспаление – телото реагира на дебелината на сличен начин како при инфекција и слободно можеме дебелината да ја наречеме тивковоспалителна болест. Многу од компонентите на воспалителниот одговор се вмешани со инсулинската сигнализација.

Оваа состојба на хронично тивко воспаление е многу опасна затоа што организмот не ни’ дава никакви сигнали дека постои и со самото тоа може да трае со години, нанесувајќи голема штета на здравјето и развој на хронични заболувања. 

Точно е и дека во дебелината, складираната енергија станува значително поголема од капацитетот со кој масните клетки можат да се справат, и така се случува нешто слично на излевање (како во кујната, кога ќе се затне мијалникот и целата вода е на плочките на подот, па и накај комшиите под нас).

Најбезбедно место за складирање на масти во организмот е масната клетка. Масното ткиво е “професионално” ткиво за складирање на масти, другите ткива се “аматери” и како и сите други аматери, ќе ја зафркнат работата кога ќе пробат да решат работи за кои не се створени да решаваат.

Значи проблемот настанува тогаш кога ќе дојдеме до лимитот на нашиот капацитет за безбедно складирање на масти, по што ќе започне “прелевањето во кујната“. Мора да оди на друго место ако не може во масната клетка и има тенденција да влезе во срцевиот мускул, панкреасот, и другите органи, и да направи хаос. 

Секој вишок на енергија, без врска дали доаѓа од шеќерите (ј.хидрати), протеините или мастите во исхраната, на крајот се складира во масното ткиво. Масното ткиво има ограничен капацитет, додека денес имаме неограничен пристап до храна во секое време. Како резултат на ова се разболуваме.

%d bloggers like this: